Нашиот производ
Планираниот производ е 100% органски производ, кој што може да се употребува во сите земјоделски култури и во цвеќињата. Обезбедуваме производ со голем процент на органска материја, корисни бактерии кои го зајакнуваат имунитетот на растението, што ќе придонесе кон помала употреба на фунгициди, пестициди и вештачки ѓубрива. Со зголемувањето на процентот на органска материја во почвата, добиваме поголема количина на земјоделски производи, произведени со помалку прскања со фунгициди, инсектициди и користење на помалку вештачко ѓубриво, со што би се допринело кон зачувување на разноликоста на растителниот свет. Производот ќе може да се користи и во органското производство.
За Биохумус
Биохумусот е богат со енормен број разновидни микроорганизми што на тој му даваат карактер на ѓубриво кое врши силна биогенизација на почвата. Со својот состав (микробиолошки и хемиски) има силен позитивен ефект врз растот на растенијата. Докажано е дека ефектот на биохумусот е непроценлив, бидејќи има повеќекратно значење. Биохумусот овозможува зголемување на приносите и, што е најважно, производите кои се добиваат се здрави и неконтаминирани. Со него се врши биомелиорација на почвата, особено на оштетени и почви подлежни на ерозивни процеси. Со неговата употреба во почвата се внесуваат над илјада пати повеќе микроорганизми, кои вршат разложување на биоѓубривото и обезбедување на асимилативи за растенијата. Дејствува стимулативно и на почвените микроорганизми, па тие подобро се размножуваат и се многу поактивни. Со стимулирањето на почвените микроорганизми и внесувањето енормно многу микроорганизми, се врши биогенизација на почвата, а тоа значи побиогена односно поплодна почва. Со неговата употреба се постигнува и подобар економски ефект, бидејќи се внесуваат 5-6 пати помали количества во почвата споредбено со арските ѓубрива, со што се заштедува гориво и работна рака. Биохумусот помага за одржување и подобрување на структурата на почвата, а почвените честички се постабилни.
Производство
Биоѓубривото што го создаваат калифорниските црви е најдобро органско ѓубриво, кое на растенијата им дава готови асимилативи, достапни веднаш по неговото внесување во почвата. Ова идеално органско ѓубриво може да најде широка практична примена во градинарството, овоштарството, лозарството, цвеќарството, шумарството и секаде каде што има потреба од органски или минерални ѓубрива. Биохумусот, минувајќи низ органите на црвите, се збогатува со разновидни ферменти, витамини и микроорганизми. Црвите ги разложуваат органските остатоци и го преработуваат во биоѓубриво, од кое растенијата лесно може да ги искористат основните елементи од кои го градат своето тело. Биохумусот е добра храна и за почвените микроорганизми кои од него создаваат директни асимилативи за растенијата. При користење на биохумусот не може да дојде до предозирање, а со тоа до „запалување” на растенијата како што е случајот со арските и минералните ѓубрива.